МЗТ декласиран од земунци, полуфиналето во АБА 2 е тешко достижно

МЗТ Скопје Аеродром е пред елиминација во АБА 2 лигата, откако во денешното прво четвртфинале против Младост Земун, кое се играше во Подгорица, српскиот тим победи со 95-75. Реваншот е задутре, исто така во главниот град на Црна Гора, па пред МЗТ е многу тешка задача да слави со 21 или повеќе поени разлика ако сака полуфинале.

МЗТ тргна добро, водеше со 10-6, но потоа дојде лош период од четири минути, па Младост првата четвртина ја доби со 28-19. Во втората четвртина македонскиот тим продолжи со слаба игра, предноста на српскиот тим порасна и на над 20 поени. Сепак, на пауза се замина со 52-39 за Младост. Третиот квартал беше рамноправен, но во последните десет минути, тимот на тренерот Дарко Радуловиќ потклекна.

Карачиќ со 15 поени и 6 скока беше најдобар кај МЗТ, Тарнер имаше 10 поени и 8 асистенции. Поразително делува податокот дека Штрковите имаа дури 25 скока помалку од противникот.

- Оглас -

Најнови вести