Дојде време за кулминација во кошаркарското првенство на Македонија. Вечерва од 20:30 часот започнува финалето на плејофот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Маџари. Ако за аеродромци беше очекувано да бидат во финалето, најпријатно изненадување сезонава е тимот на Маџари кој одигра одлична сезона и заслужено че биде дел од плејоф серијата што ќе решава за освојување на титулата.
МЗТ Скопје е клубот кој доминира повеќе од една деценија во мак-кошарката и сега го започнува атакот на 13-тата титула, додека Маџари за прв пат е дел од едно вакво шоу. Подвигот на Маџари е уште поголем затоа што овој клуб сезонава прв пат игра во елитното друштво и стигна до финалето.
Маџари заврши како четврти на табелата во Суперлигата и во полуфиналето се сретна со фаворизираниот тим на ТФТ Скопје. Кошаркарите на Маџари покажаа дека не признаваат фаворити и направија изненадување победувајќи на гостински терен по продолжение, а потоа во драматична завршница славеа и пред своите навивачи за конечни 2:0 и пласман во финалето.
МЗТ Скопје имаше потешка задача и со 2:1 го елиминираше Пелистер, благодарение на двете победи во „Јане Сандански“.
МЗТ и Маџари сезонава играа три пати, а во сите три средби аеродромци победуваа и тоа со разлика која се движеше меѓу седум и 13 поени. Финалето се игра во три добиени натпревари, а на првите два меча домаќин е МЗТ Скопје Аеродром.

