МЗТ Скопје ја продолжи серијата победи во Првата лига на Македонија на девет меча со убедливиот триумф над Охрид со конечни 88:61. Избраниците на Ѓорѓи Кочов без многу мака го задржаа победничкиот ритам, а големата предност ја создадоа во втората четвртина која МЗТ ја освои со 29:11.
И веќе петти меч во низа МЗТ без проблеми го надигрува охридскиот состав.
Во таборот на „штрковите“ дури пет играчи имаа двоцифрен број на поени, Бојиќ реализираше 15, со 13 поени заврши Самарџиски, по 11 дадоа Соколов и Медфорд, а Младеновски додаде 10 поени. Дрекаловиќ со 31 поен беше најсветлата точка на гостите
Гостивар во дополнителен период славеше на гостувањето кај Фени индустри со 90:80 и стигна до деветтиот триумф сезонава. Гостите во последната четвртина надополнија 11 поени негатива и се изборија за продолжение, кое потполно припадна во нивна корист откако реализираа 13 поени, а дозволија само три во својот кош. Гостивар воедно оствари двоен триумф над екипата од Кавадарци, во ноември минатата година славеа со 94:70 на домашен терен.
Трајковски со двоен учинок од 22 поени и 15 скока, односно Костовски со 20 поени го предводеа тимот од Гостивар, додека на Фени не му помогна ниту импресивниот учинок на Фундербург, кој реализираше 32 поени.