МЗТ и натаму зависи само од себе дали ќе биде втор во АБА 2

Поразот во Белград од Динамик со 75:98 за МЗТ Скопје Аеродром значеше губење на втората позиција во АБА 2 лигата и пад на третата, но „штрковите“ и понатаму зависат само од самите себеси дали ќе бидат втори и ќе имаат предност во полуфиналето на плејофот.

На три кола до крајот, МЗТ има 13 победи и 6 порази, што е една победа помалку од сараевски Спарс, кој сега е осамен на второ место, а две победи повеќе од Динамик и Сутјеска, кои се борат за четвртото место кое носи полуфинале против Приморска.

За МЗТ остануваат мечевите со Рогашка (28-ми февруари) и Спарс (14-ти март) дома и тешкото гостување кај Сутјеска на шести март. Може да решава пресметката со Спарс во последното коло и тоа ќе биде генерална проба пред двата или трите дуели со истиот противник, но нема да биде сеедно дали евентуалната мајсторка би се играла во „Јане Сандански“ или во Сараево. Затоа е важно македонскиот вицепрвак да биде втор.

„Против Динамик не дадовме максимум. Мора да направиме анализа. Кога ќе примиш 100 поени, не може да се надеваш на победа. И понатаму се бориме за што подобра позиција пред плејофот“, рече тренерот Ѓорѓи Кочов, чиј тим веќе в недела има ново тешко гостување кај Гостивар, а потоа следува завршницата од Купот.

- Оглас -

Најнови вести