МЗТ ќе ја користи првата меч топка против Спарс

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром од 17 часот во својот „Јане Сандански“ го игра вториот меч со сараевски Спарс од полуфиналето на плејофот во втората АБА лига, и ако победи, ќе се пласира во финалето, што дава добра шанса за влез во елитното јадранско друштво.

„Штрковите“ среќно дојдоа до драматична победата во средата, кога со кош на Лестер Медфорд во последната секунда, првпат поведоа на тој меч, но тоа значеше и триумф. Противникот е психолошки разнишан и денеска треба да биде докрајчен. МЗТ неодамна играше дома со Спарс и победи прилично убедливо, но тимовите тогаш криеја дел од своите адути. Пораз на МЗТ денеска, ќе биде голем чекор назад, бидејќи ќе мора да патува долго со оглед на тоа дека мајсторката би се играла на непријатниот терен во Сараево в четврток.

Тренерот Ѓорѓи Кочов, побара поддршка од „шестиот играч“, а тоа се навивачите.

„Победата во Сараево ја заборавивме уште по пат кога се враќавме накај Скопје. Влогот е голем, ова е плејоф, а секој меч е посебна приказна за себе. Очекувам неизвесен дуел во кој мотивацијата ќе биде клучен фактор. Нема да калкулираме, ќе го сториме потребното за да победиме. Заморот е присутен, но ќе го заборавиме, желбата да играме финале е поголема. Ќе барам да се гине за секоја топка во сите 40 минути. Играчите се свесни за важноста, верувам дека ќе дадат максимум. Ги повикувам навивачите да дојдат во голем број и да ни помогнат да извојуваме важна победа“ – вели Кочов.

Тренерот на Спарс, Марко Трбиќ, смета дека неговиот тим може да игра рамноправно со МЗТ, но за да победат, мора да бидат максимално ангажирани и сконцентрирани.

Билетите се по цена од 50 денари.

- Оглас -

Најнови вести