МЗТ Скопје Аеродром со пораз на гости кај Широки Бријег од 111:109 дури во две продолженија го заврши неславниот настап во АБА 2 лигата сезонава. Ова беше последен меч од групната фаза во ова натпреварување, а МЗТ на крајот заврши со четири победи и исто толку порази што беше доволно за 10 место на табелата. Овој пласман на крајот не беше доволен за македонскиот првак да биде во Топ 8 и тука завршува ова регионално натпреварување за МЗТ. Широки е тимот кој стгина до седум победи и го зазема првото место на табелата.
Во првата четвртина МЗТ играше добро и по првите 10 минути водеше со 24:23. Македонскиот првак водеше со 34:33 на почетокот на втората четвртина, но потоа домаќините заиграа многу подобро и со серија од 18:4 прв пат стигнаа до двоцифрена предност и тоа со 51:38.

Во третата четвртина Широки константно имаше контрола на резултатот и најчесто водеше со двоцифрена предност, а во пресрет на последните 10 минути водеше со 77:64. Сепак, МЗТ не се предаде и одигра фантастична последна четвртина. Аеродромци ја топеа предноста на домаќинот и пред крајот поведе со 90:86.
Во финишот, беше 92:92, МЗТ имаше напад за победа и отворен простор да се постигнат поени за триумф, но македонскиот тим едноставно не сакаше да слави во регуларен дел со само два или три разлика, туку се реши да оди во продолжение и да брка триумф од 13 поени, што им беше потребен за бидат во најдобрите осум.
Драмата продолжи и во продолжението. Широки поведе со 101:94, но МЗТ се врати стигна до 102:102, а имаше и слободно фрлање за победа на седум секунди до крајот кое намерно беше промашено, па мораше да се играат нови пет дополнителни минути.
Неизвесноста продолжи, беше 109:109, а Широки даде кош на пет секунди до крајот и победија. По елиминацијата на МЗТ, Македонија останува само со еден преставник во следната фаза и тоа ќе биде ТФТ Скопје кој заврши на петото место на табелата.
Конечна табела во АБА 2 лига


