МЗТ Скопје Аеродром очекувано го победи Феникс 2010, и тоа со 73:64 во меч од седмото коло на Првата кошаркарска лига на Македонија. За аеродромци ова беше шести триумф, додека Феникс го претрпе четвртиот пораз.
Израмнето почна дуелот, па по првата четвртина, актуелниот првак имаше предност само од два поена (19:17). Во вторите 10 минути Феникс беше подобар тим, па гостите на полувреме заминаа со предност од 35:30.
МЗТ се „разбуди“ на почетокот од второто полувреме, кога со низа од 8:0 во 25-тата минута имаше предност од 38:35. Феникс успеа само да израмни на 40:40, но потоа со нова низа, овојпат од 10:2, аеродромци поведоа со 50:42 и потоа константно го одржуваа водството, кое во 33-тата минута првпат беше и двоцифрено (63:52).
Со рутинска игра до крајот, шампионот не дозволи изненадување во салата „Јане Сандански“, која изненадувачки беше речиси празна бидејќи едвај 200-тина гледачи го проследија овој дуел.