Во една исклучително тешка сезона за Челзи, сè укажува на многу бурно лето на „Стемфорд бриџ“. Се очекува сериозна разделба со фудбалери, при што на листата за продажба може да се најдат дури петмина од клучните играчи на лондонскиот клуб.
Раководството на клубот веќе прави планови за сезоната 2026/27, а главна тема на разговор е тренерската позиција. По отказот на Лијам Росениор, Калум Макферлејн привремено го презеде тимот до крајот на сезоната. Тоа ќе биде вовед во назначувањето на нов постојан менаџер.
Меѓу главните кандидати е Андони Ираола од Борнмут, а често се спомнува и името на Оливер Гласнер од Кристал палас.
Како што е познато, значајни промени ќе има и во играчкиот кадар. Последните денови се појавија бројни информации за можно заминување на талентирани играчи. Причините се различни, некои бараат поголеми спортски предизвици, а други се цел на водечките европски клубови. Дополнително, без приходи од Лигата на шампионите, санкциите од УЕФА и сè построгите правила на англискиот финансиски ферплеј, одредени клучни продажби изгледаат неизбежни.
Прв кој се очекува да замине е Алехандро Гарначо. Тој е ставен на трансфер-листата и има голема веројатност да си замине само една година по пристигнувањето. Но, тој не е единствениот.
„Играчите како Кол Палмер, кој не се покажа добро оваа сезона, или Енцо Фернандес ќе сакаат да заминат. Марк Кукуреља и Жоао Педро, кој исто така имаше фантастична сезона, ќе си одат бидејќи клубот не е во Лигата на шампионите“, анализираше Тим Шервуд за „Скај спортс“.
Во овој контекст не може да се игнорира фактот дека Манчестер јунајтед е подготвен за голема инвестиција во Кол Палмер. Што се однесува до Енцо Фернандес, тој е цел на интерес од два европски гиганти, Реал Мадрид и Манчестер сити.
Темата ќе се следи со голем интерес и сигурно ќе има развој во летниот период.

