Вардар убедливо поразен од Монпелје, полуфиналето сега е само сон

Вардар претрпе висок пораз од 33:23 на гостувањето во Франција од Монпелје во првиот меч од четвртфиналето во ракометната Европска Лига. По овој пораз, шансите за Вардар да се пласира во полуфиналето се минимални, иако реваншот ќе се игра во „Јане Сандански“ во Скопје.

Црвено-црните на денешното гостување ги немаше најдобрите бекови Јака Малус и Дмитро Хориха. Словенецот се повреди против Алкалоид и клубот не сакаше да ризикува, а Украинецот кој не играше против Алкалоид и си оди од Вардар во следната сезона, отсуствуваше поради болест. Во една ваква ситуација, јасно беше дека шансите на Вардар се минимални.

Мечот започна со многу промашувања на двете страни, па Вардар првиот гол го постигна во шестата минута кога Силва погоди за 1:1. По 11 минути игра, резултатот беше 2:2, а Лазаревски погоди за Црвено-црните. Беше и 3:3, но потоа францускиот тим влезе во серија од четири погодоци и поведе со 7:3 во 18 минута.

Во отсуство на Малус и Хориха, најрасположен во нападот на Вардар беше Да Силва. Бразилецот постигна четири голов во првите 27 минути кога Монпелје водеше само со два разлика (10:8), предност која ја задржа и до полувремето, па по првите 30 минути беше 12:10 за домаќините.

Фуриозно започна Монпелје на стартот од вториот дел и со четири голови во низа стигна до 16:10, а во 38 минута Французите веќе имаа убедлива предност од 19:11.

Потоа следуваше нов проблем за Вардар. Во 41 минута, најдобриот играч на Црвено-црните, Да Силва доби удар со колено во градите и мораше поредвреме да го напушти мечот. До тој момент, Да Силва имаше постигнато седум погодоци за Вардар.

Монпелје продолжи да погодува, а во 46 минута, домаќините прв пат поведоа и со девет разлика (24:15), а на крајот разликата беше двоцифрена. Вардар сега има само теоретски шанси да се надева дека може да стигне до полуфиналето во второто по ранг натпреварување на ЕХФ.

- Оглас -

Најнови вести