МЗТ Скопје како домаќин во Битола го растури Пелистер

МЗТ Скопје Аеродром лесно, со 118:71 го победи Пелистер во мечот од 21-вото коло на Првата кошаркарска лига. Дуелот се играше во салата „Младост“ во Битола, но МЗТ Скопје официјално ја имаше улогата на домаќин. Тоа беше така затоа што во првиот дел од сезоната, кога Пелистер требаше да биде домаќин, поради ладната сала во Битола, беше договорено дуелот да се игра во Аеродром, а сега МЗТ да биде домаќин во Битола.

Салата воопшто не беше проблем МЗТ да покаже дека е повеќе класи подобар од „зелено-белите“. Уште по првата четвртина, Аеродромци направија убедлива предност од 33:15, а веќе на полувремето МЗТ имаше предност од 30 поени (65:35). И во второто полувреме немаше проблеми за фаворитот, па на крајот стигна до убедлива победа од 47 поени.

Вкупно 11-мина играчи на МЗТ се запишаа во листата на стрелците, а најефикасен беше центарот Андреја Бојиќ со 28 поени и 7 скока. Со двоцифрен број поени завршија и Младеновски (20 поени и 9 скока), Симоновски (18 поени) и Магдески (15 поени). Кај Пелистер најефикасен беше Голубовиќ со 15 поени.

Во ова коло од 18 часот ќе играат Работнички – Вардар и АБ Охрид – Гостивар, додека за во 19 часот е закажан дуелот Кожув – Шкупи. Колото ќе се затвори со средбата меѓу Куманово и Блокотехна, која се игра в петок, во 17:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести