МЗТ Скопје Аеродром го победи Работнички со 84:82 во најголемото македонско кошаркарско дерби, кое за првпат се играше во странство. Ова беше дуел во рамките од Втората АБА-лига, се играше во Сараево, а во драматична завршница на крајот се радуваа аеродромци.
Од самиот старт на мечот се покажа дека ќе биде неизвесно. Во првата четвртина Работнички водеше со 17:9, но веќе на почетокот на втората четвртина МЗТ Скопје Аеродром го презеде водството (22:21). Водството на Штрковите растеше и во третата четвртина, најчесто имаа и двоцифрена предност, а најмногу водеа 61:48.
Сепак, во последната четвртина Работнички стигна до 70:70 и тоа беше најава за неизвесен финиш. Работнички водеше со 80:76, но во завршницата МЗТ со серија од 8:0 стигна до 84:80 и на крајот се радуваше на победа.
Бојан Крстевски со 19 поени беше најефикасен кај МЗТ, а со двоцифрен учинок кај победничкиот тим беа уште и Бојиќ и Стојановски, кои завршија со по 14 поени. Кај Работнички најефикасен беше Питс со 20 поени, а Младеновски постигна 17 поени.
МЗТ сега е со учинок пет победи и три порази, колку што имаат уште пет клуба на делба од второто до седмото место на табелата. Работнички е претпоследен само со две победи и шест порази. Во следното коло, аеродромци в сабота ќе играат против Ловќен, а Работнички за противник ќе го има тимот на Сутјеска.