Лидерот во фудбалското првенство на Македонија, екипата на Вардар без многу проблеми со 2:0 славеше над Башкими во меч од 30 коло во Прва лига. Со оваа победа Вардар стигна до 74 бодови и сега има шест повеќе од второпласираната Шкендија.
Уште во првото полувреме беа решени сите дилеми околу победникот. Во осмата минута Горан Закариќ со глава погоди за водство на вардарци, а во финишот од првото полувреме, токму Закариќ асистираше, а Бобан Николов погоди за 2:0.
Освен двата гола, првиот дел го одбележа еден немил настан кога навивач на Башкими падна од трибината, па веднаш реагираше Брзата помош.
Во второто полувреме, вардарци рутински ја задржаа предноста и на крајот заслужено стигнаа до нова победа.

По голема борба на арената „Тодор Проески“, Работнички и Пелистер одиграа нерешено 3:3 во дуел на две екипи кои се борат за опстанок. Ова реми повеќе им одговара на гостите од Битола затоа што со нерешениот резултат стигнаа до 33 бодови и сега се на осмото место на табелата, колку што има и деветопласираната Брера. Работнички останува на претпоследното место на табелата со 29 бодови.
Романтичарите се тие кои треба да жалат што не победија, затоа што водеа со 1:0 и 3:1, но не победија. Домаќините поведоа со голот на Мухарем во четвртата минута, но Пелистер израмни на 1:1 само пет минути подоцна со погодокот на Булатовиќ. Во 26 минута Работнички стигна до 2:1 со голот на Демири од пенал што беше резултат по првото полувреме.

На почетокот од второто полувреме, Работнички прв даде гол за 3:1, а стрелец беше Хоџа. Сепак, Пелистер не се предаде. Битолчани напаѓаа и прво намалија на 2:3 со погодокот на Петковски во 72 минута, а потоа искусниот Ивановски со гол во 90+2 минута ги постави конечните 3:3.

