МЗТ Скопје Аеродром утре, од 19 часот, на свој терен против словенечки Хелиос санс ја отвора новата сезона, овојпат во втората АБА-лига, а очекувањата и амбициите од овој меч се победа и само победа. Од таборот на „штрковите“ ветуваат агресивна игра.
Од клубот очекуваат и некои од помладите играчи да напредуваат, а поголема шанса за докажување младите ќе добијат во домашната лига.
Директорот Тони Грнчаров рече дека Хелиос има солиден тим, додека МЗТ е спој на младост и искуство.
„Треба да играме брзо, агресивно, да нема алиби во одбрана. Имаме искусни играчи, како Стојановски, Соколов, Симоновски и Иванов, тие треба да бидат лидери во екипата. Имаме играчи кои се иднина на клубот и сакаме да инвестираме во нив за во иднина да ни бидат база. Се надевам на успешна сезона, а, секако, одиме на титула во домашното првенство. Мора да им дадеме шанса на помладите играчи. Посебно шанса ќе добиваат во домашното првенство, каде што ќе може да покажат дали се за во МЗТ“, рече Грнчаров.
Тренерот Ѓорѓи Кочов е задоволен од составот кој го има на располагање.
„Презадоволен сум што го задржавме костурот од лани, плус четири странски засилувања. Одработивме подготовки во условите како за Евролига. АБА 2-лигата воопшто не е слаба, четири-пет тима може да играат и во првата АБА. На пример, Приморска освои Суперкуп на Словенија. Мислам дека сме способни да играме на двата фронта. Проблем е што во дел од подготовките ги немавме репрезентатвците, но МЗТ покажа дека мисли за доброто на репрезентацијата. Добро би било од младите да извадиме солидни играчи“, вели Кочов.