На 16 години веќе имаше две деца, едната нога му е пократка од другата, но не се откажа од сонот и сега е во Премиер лигата

Весли Мораес, напаѓачот на Астон вила, ја има една од најинтересните приказни за тоа што сè морал да помине пред да стигне на врвно ниво и да игра во Премиер лигата. Бразилецот прерано станал татко. Само на 14 години го добил првото дете, а две години подоцна и по втор пат станал татко.

Фактот дека иако уште и самиот е дете, а морал да се грижи за две мали деца, било знак дека речиси е срушен неговиот сон да стане професионален фудбалер. Сепак, Мораес не се откажал и шутирањето на топката му делувало како добар начин да заработи.

„Првото дете ми се роди кога имав само 14 години. Беше тешко бидејќи во тоа време почнував професионално да играм фудбал. Морав преку ден да работам, а навечер да тренирам. На 16 години ми се роди и второто дете. Тогаш си реков дека морам да успеам и да станам фудбалер. На секој тренинг размислував за моите деца, за мајка ми, за семејството“, открива Мораес.

Заминал во Атлетико Мадрид, каде што одработил само еден тренинг со првиот тим. Потоа почнал да оди на позајмици низ неколку европски земји. „Малку се уплашив од Диего Коста, Миранда и Раул Гарсија бидејќи бев само дете кое тренира со нив. Но тоа беше неверојатно искуство. Потоа отидов во Франција, па во Словачка. Мислев дека веќе никогаш нема да сакам да играм фудбал, но потоа добив шанса да се докажам во Тренчин во Словачка. Беше многу ладно во земјата. Температурите беа ниски, а јас од Бразил не бев навикнат на такви услови. Сепак морав да се навикнам“, открива Мораес.

По Словачка, Мораес прави трансфер во Бриж, каде што игра одлично и го привлече вниманието на Астон вила. Бразилецот открива дека покрај тешкото детство, има и физички хендикеп.

„Едната нога ми е три сантиметри пократка од другата. Сепак, тоа никогаш не ми претставувало проблем“, вели Мораес, кој сега има 22 години и игра во одлична форма во дресот на англискиот премиерлигаш.

 

- Оглас -

Најнови вести