Никогаш не е доцна – Најдобриот стрелец во Премиер лигата немаше среќа со Англија, одлучи да игра за Јамајка

Мајкл Антонио, најдобриот стрелец во Премиер лигата, конечно одлучи на 31-годишна возраст да ја почне репрезентативната кариера и се очекува да дебитира за Јамајка против Мексико, во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар.

Првиот официјален меч како репрезентативец на егзотичната земја од Карибите, Антонио го очекува на 3 септември, на легендарната „Ацтека“ во Мексико сити.

Три дена подоцна, Јамајка со големото засилување Антонио, во шпицот на нападот ќе ѝ биде домаќин на Панама, а потоа им следува гостување кај Костарика на 9 септември.

Приказната на Антонио е многу интересна. Дури е и многу чудно како досега не играл за ниту една репрезентација, ако се знае дека е екстра квалитетен напаѓач во една од најсилните лиги на светот, Премиер лигата.

Роден е во Англија, но во 2016 година челниците на фудбалскиот сојуз на Јамајка му понудија да игра за оваа земја. Антонио ги одби, па потоа речиси му се исполни желбата да игра за Англија, но немаше среќа.

Истата година Сем Алардајс го повика да биде во составот на Англија за квалификацискиот меч со Словачка, но не му даде минутажа, па Антонио преседе цел меч на клупата.

Следната година Герет Саутгејт го имаше на списокот за дуелите на Гордиот Албион против Германија и Литванија, но Антонио се повреди и пропадна можноста да дебитира за својата родна земја.

Оттогаш иако игра во топ-форма неколку години како фудбалер на Вест Хем, Саутгејт не го вклучи во составот на Англија, па Антонио одлучи да одговори позитивно на вториот повик од Јамајка.

Моментно по 3 кола во Премиер лигата, Антонио е прв стрелец со 4 гола и со 3 асистенции е втор најдобар додавач со Габриел Жезус и само зад Пол Погба, кој има пет асистенции.

 

- Оглас -

Најнови вести