На денот на жената, хуманитарен тикет од новинарката за која спортот е дел од животот

Денеска е посебен ден, денот на жената, па секако честа да направи хуманитарен тикет припаѓа на една дама. Како составен дел на спортот и спортистите се и спортските новинари и новинарки. Иако поретки, има новинарки кои го сакаат спортот и многу допринеле за неговиот развој и популаризација. Една од нив е и Марија Ковачева, првата жена главен уредник на еден спортски портал, „СпортСпорт.мк“.

„Порано беше чудно кога ќе кажев дека сум спортска новинарка, искрено, дел ме гледаа чудно. Ретко кој веруваше дека токму една жена може да даде поинаква димензија на спортското новинарство. Колку сме емотивни, толку сме и критички настроени. Од мала го сакам спортот. Благодарение на мојот татко го засакв и фудбалот, за викендите традиционално заедно гледавме Серија А, тогаш навивав за Интер, мојот идол беше Виери, дури собирав сликички од него, буквално знаев се за него 😊. Инаку јас сум некогашна кошаркарка, па така започна и мојата приказна во спортското новинарство. Кога се повлеков од активно играње, љубовта кон овој спорт продолжив да ја пренесувам на „хартија“, вели Ковачева која повеќе од 17 години со многу љубов ја работи оваа професија.

Најголемиот дел од новинарскиот занает го „печеше“ во првиот дневен спортски весник „Македонски спорт“, кој за жал како многу весници веќе не постои. Има работено и во весникот „Утрински весник“, а потоа и на порталот Спортмедиа, за сега да е главна и одговорна на Спортспорт. Во 2022 година беше прогласена за најдобра спортска новинарка во Македонија.

Ковачева е препознатлива како експерт за кошарка и ракомет, иако и останатите спортови не и се непознати.

„Во моето срце покрај кошарката која активно ја играв, важен дел има и ракометот. Веќе шест години многу поактивно го следам овој спорт, а вардаровата бајка во Келн е „виновна“ за тоа. Од лице место известував од трите фајнл-фор завршници на кои учествуваше Вардар, моменти кои дефинитивно не можат да се заборават“.

„Не би можела да дадам предност на ниту еден од овие два спорта (кошарка и ракомет). После 2015 година (последниот настап на ЕП) онаа празнина на радост и возбуда која кошарката претходно ми ја даваше и ме правеше полетна, ја пронајдов во ракометот. Ракометот е нашиот најуспешен спорт, особено на репрезентативен план. Македонија е редовен учесник на големите натпреварувања, посебен момент за секој новинар, нема ништо поубаво кога твојата земја настапува на едно Европско или Светско првенство, инспирацијата е поинаква.

Од другата страна, иако кошарката во овој момент е далеку од што што беше, сепак кога сум меѓу луѓето од овој спорт се чувствувам поинаку, тогаш сфаќам колку ми лежи на срце, колку уживам, едноставно сум своја. Затоа не би можела да се одлучам“.

Во долгогодишната кариера Ковачева била сведок на многу историски спортски настан, многу големи натпреварувања, а два посебни настани вечно ќе ги памти.

„Точно, можам да се пофалам со многу спортски настани и натпревари, затоа ја сакам оваа професија, куферот и пасошот секогаш се подготвени. Дефинитивно, број еден ќе остане фајнл-фор завршницата во Лигата на шампиони во 2017 и 2019 година кога Вардар ја покори Европа. Мислам дека не постојат соодветни зборови со кои можам да ги опишам тие моменти. Вардар направи да не гледаат со почит, зборам за нас новинарите. По првата титула веќе на следниот фајнл-фор, колегите од другите земји, не поздравуваа, не ги вртеа главите 😊

„Нема да издвојам меч кој ме разочарал, ќе го издвојам Европското првенство во кошаркарка во 2013 година кое дојде после онаа историска 2011 година. Во Јесенице сите дојдовме со надеж дека ќе ја поминеме групната фаза, но се случи спротивното. Очекувањата беа големи, па токму затоа разочарувањето беше уште поголемо“, се присетува Марија.

Според Ковачева, за жал спортот во Македонија, наместо да напредува и оди напред, кај нас се назадува во ова важно поле.

„Пред извесно време на оваа тема зборував со еден кошаркарски тренер. Дојдовме во еден заклучок наместо да одиме напред, ние се враќаме наназад, дел од клубовите ги немаат ниту оние услови во кои се работеше пред 15 години.

Ќе ја земам за пример женската кошарка. Во моето време квалитетот беше на далеку повисоко ниво од ова што е сега. Се работеше професионално, не само во Првата лига, туку и во младинските лиги. Тогаш не плаќавме за да играме кошарка, клубовите не не гледаа низ призмата на сигурни пари од чланарини, се работеше, се градеше, екипите вложуваа во играчите, странците на парадираа како сега во голем дел од спортовите додека македонските играчи им подаваат пешкири.

Сега парите се на прво место, сите мислат колкав ваучер ќе земат, а не што ќе придонесат за спортот. Се додека се „тресеме“ за ваучерите, државата не мисли на спортот и клубовите ги промовираат странските спортисти, ќе бидеме сведоци на уште потажни спортски денови“, без многу оптимизам прогнозира главната уредничка на Спортспорт.

Работата во спортското новинарство секако значи дека одвреме-навреме ќе се одигра и по некој тикет во обложувалница.

„Кога твоето работно опкружување се припадници на машкиот пол, сакаш или не прифаќаш дел од нивните риутали. Кога работев во Македонски спорт, традиционално се одеше на кафе и се уплаќаа тикети. Можам да се пофалам добитни тикети кои за моите колеги изгледаа невозможни. Едвај чекав да дојде следниот ден, да ги почастам со колачиња, сок и кафе.

Добро сум упатена во меѓународниот фудбал, особено петте најдобри европски лиги од тренери до играчи, од котирање на табелите, до трансфери кога е време за тоа. Тоа е моето секојдневие“, вели Ковачева која по повод 8 март денот на жената, освен хуманитарниот тикет, упати и порака до сите жени.

„Јас велам дека не постои предизвик што не може да се совлада, најважно да се биде храбар и упорен. Никогаш да не се откажат од својот сон. Патот е тежок, секогаш ќе има пречки, ќе има такви кои ќе сакаат да ве повредат на било каков начин. Да не се двоумат гласно да го споделат своето мислење. Не бадијала велат дека во жените е силата“.

- Оглас -

Најнови вести