На Дончиќ му одговара климата во Мексико (видео)

Лука Дончиќ е првиот кошаркар во историјата на НБА-лигата кој остварил трипл-дабл учинок на меч кој се одигра надвор од САД. Тоа е новиот рекорд што го постави извонредниот Словенец по победата на Далас против Детроит пистонс со 122:111.

Пистонс немаа шанси за позитивен исход по симултанката на магичниот Лука, кој мечот го заврши со 41 поен, 12 скока и 11 асистенции. Одличната негова партија му ја донесе 17-тата победа на Далас, а за Дончиќ ова е осми трипл-дабл учинок оваа сезона. Пријатно изненади Сет Кари, со 30 поени придонесе за новиот триумф на Маверикс, додека од редовите на Детроит се истакна Андре Драмонд со 23 поени и 15 скока.

Филаделфија севентисиксерс го доби источното дерби против Бостон селтикс со 115:109. Сиксерс по пауза речиси од две години, конечно се израдува во култната сала „ТД Гарден“. Џоел Ембид ја направи разликата на теренот со неговиот дабл-дабл од 38 поени и 13 скока.

Корпулентниот центар на Филаделфија доминираше во текот на мечот и е најзаслужен за одржување на победничката серија. За 19-тата овосезонска победа на Сиксерс придонесе и Херис со 23 поени и 8 скока, додека Кемба Вокер со 29 поени беше најрасположен играч од редовите на Бостон.

Денвер славеше против Портланд со 114:99, Кливленд по продолжение од пет минути, предводен од ветеранот Кевин Лав (30 поени и 17 асистенции), изненади на гостувањето кај Сан Антонио со 117:109. За Кавалирс заврши низата од осум порази по ред.

 

- Оглас -

Најнови вести