На Ериксон ќе му се исполни желбата, следниот месец ќе седне на клупата на Ливерпул

Легендарниот шведски тренер Свен-Јоран Ериксон пред извесен период ја шокира светската јавност со информацијата дека боледува од карцином и дека му останува уште многу малку од животот. Седумдесет и петгодишниот тренер во својата богата кариера водеше голем број екипи, но никогаш не му се исполни животната желба – да биде тренер на Ливерпул.

Јирген Клоп веднаш го повика Ериксон да дојде во тренинг-центарот на Ливерпул и да помине цел ден со фудбалерите и да ги тренира, но раководството на Црвените од Енфилд направи уште поголем чекор. Ериксон ќе ја има честа на 23 март да ја предводи екипата составена од ѕвездите на Ливерпул во дуел против Ајакс на „Енфилд роуд“.

Свен-Јоран Ериксон својата тренерска кариера ја започна во 1977 година, а во 42 години, колку што беше активен, ги предводеше: Дегерфорс, Гетеборг, Бенфика, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер сити, Лестер, Гванжу, Шангај и Шенжен, но беше и селектор на Англија, Мексико, Брегот на Слоновата Коска и Филипините.

Најголем успех имаше со екипата на Лацио, со која освои седум трофеи. По пауза од 26 години чекање, освои титула во Серија А, а го освои и Купот на победниците на куповите и европскиот Суперкуп. Ериксон има европски трофеј и со екипата на Гетеборг, со која го освои Купот на УЕФА во 1982 година, а трофеи освојуваше и со Бенфика, Сампдорија и Рома.

- Оглас -

Најнови вести