На Јармоленко му го „украдоа“ дресот кој сакаше да го подари на навивачот со украинско знаме (Видео)

Андриј Јармоленко е вистински херој на Вест хем во изминативе неколку дена. Украинецот, кој е емотивно исцрпен поради воените напади врз неговата земја од страна на Русија, игра фантастично за лондонскиот тим.

Само пред пет дена, Јармолекно влезе како резерва и даде гол за победа во дуелот против Астон вила. Украинецот синоќа даде уште поважен гол. Повторно влезе како резерва, и тоа во 88-мата минута, а постигна гол за победа од 2:0 над Севилја и пласман во четвртфиналето од Лигата на Европа.

По завршување на средбата, Јармоленко реши дресот да му го подари на еден навивач, кој на трибината беше со украинско знаме во знак на поддршка за земјата. Сепак, кога Јармоленко сакаше да му го подаде дресот на навивачот, се појавија други фанови на Вест хем, кои едноставно не дозволија дресот да замине во вистински раце. Иако фудбалерот потенцираше за кого е дресот, еден навивач со солзи во очите го држеше дресот и не сакаше да го предаде на фанот со украинското знаме.

- Оглас -

Најнови вести