Некогашниот француски фудбалски првак Олимпик Лион е во незавидна ситуација. Овој клуб има долг од половина милијарда евра, по што е вклучен „црвениот аларм“. Најавите се дека доколку огромниот долг не биде намален до крајот од сезоната, може да се случи Лион да биде исфрлен од елитното француско фудбалско друштво.
ДНЦГ (државната агенција која ги надгледува сметките и работењето на професионалните спортски клубови во Франција), исто така, му забрани на Лион да потпишува нови играчи во зимскиот преоден рок, што значи дека седумкратниот француски првак нема да може да се засили до крајот на сезоната.
На финансиски план клубот не котира добро, но на теренот екипата игра солидно. По 11 одиграни кола, Лион е на петото место со 18 освоени бодови и е далеку од зоната за испаѓање, но црното сценарио може да се случи по административен пат, ако не се намали финансискиот долг.