На мака се познаваат јунаците – Ноле нека биде мотив за кошаркарите

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево од 15 часот ќе игра против Естонија во меч на кој може да се избориме за место на завршницата на Европското првенство. Нашите најдобри кошаркари мора да победат, и тоа со услов тоа да биде со двоцифрена разлика. Само на тој начин Македонија ќе успее да ја прескокне Естонија на табелата и да се најде на место кое води во завршницата.

За нашите кошаркари ова ќе биде четврти меч само во шест дена, што е пеколен ритам. Токму поради тој пеколен ритам настрада еден од најдобрите во составот на Александар Тодоров. Вчерашната победа против Италија ја „плативме“ со повреда на Ненад Димитријевиќ.

Плејмејкерот заработи повреда на коленото и е неизвесен за клучниот меч. Сепак, овој малер не треба да биде разочараување за нашиот тим, туку треба да создаде дополнителен мотив да покажат дека може да победат во најважниот меч и тоа кога е најтешко.

ПОВРЕДЕН-НЕПОВРЕДЕН, ЃОКОВИЌ ЦАРУВА ВО ТЕНИСОТ

Иако е тешко да се направи споредба, кошаркарите можеби треба мотивот да го најдат кај најдобриот тенисер на денешницата, Новак Ѓоковиќ. Популарниот Ноле изминатава недела беше во фокусот на спортската сцена. На Отвореното првенство на Австралија, Србинот во првата фаза од турнирот се пожали на болки во стомакот и многумина мислеа дека ќе се откаже.

Сепак, Ноле не само што не се откажа, туку стигна и во финалето, каде што по брза постапка го „реши“ Данил Медведев. За Ѓоковиќ ова беше деветто финале во Мелбурн и деветта титула, што само го потврдува победничкиот менталитет на еден од најдобрите спортисти на денешницата.

БАРСЕЛОНА ОДИ АУТ НА СИТЕ ФРОНТОВИ, ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ ЌЕ БИДЕ ВО ШЕМА И УТРЕ И ЗАДУТРЕ

Од фудбалски аспект, изминатава недела се одбележа враќањето на Лигата на шампионите. Четири меча се одиграа во првите осминафинални дуели, а највпечатлива беше победата на ПСЖ на „Камп ноу“ против Барелона со 4:1. Каталонскиот гигант беше немоќен и останува само формално во реваншот да се прости од елитното друштво.

Освен во ЛШ, Барселона во изминативе денови покажа слабост и на останатите два фронта на коишто игра. Од Севилја загуби со 2:0 во полуфиналето на Купот, а во првенството не успеа да го победи Кадис и со тоа дополнително да заостане во трката со мадридските ривали Реал и Атлетико. Очигледно дека Роналд Куман не е тренер кој може да предводи еден гигант како Барселона.

 

- Оглас -

Најнови вести