На Полјаците не им е сеедно, размислуваат дури и за бојкот на баражот против Русија во Москва

Полската јавност, особено фудбалската, сè почесто го коментира претстојниот бараж-дуел против Русија што треба да се игра во Москва, а е еден од двата што треба да се минат за настап на Светското првенство во Катар.

Поради ситуацијата на релација Русија – Украина и големиот политички проблем што е на работ и на војна, Полјаците сè позасилено најавуваат и можен бојкот на мечот.

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Полска, Михал Листкиевич, вели дека е време да се реагира, особено ако дојде до воен судир меѓу Русија и Украина.

„Мислам дека во таков случај нема да се игра во Москва, ниту на ниедно друго место во Русија. Веројатно ФИФА би донела одлука баражот да се одигра на неутрален терен. Сепак, не верувам дека Русија ќе биде елиминирана без игра бидејќи и во минатото имаше инциденти во Донбас, па немаше санкции“, изјави Листкиевич.

Дел од медиумите сè почесто објавуваат дека полските репрезентативци треба да го бојкотираат мечот.

„Сметам дека на 24 март полската репрезентација не треба да биде во Москва. Но, тоа треба да биде државна одлука бидејќи ситуацијата ги надминува надлежностите на Полската фудбалска федерација“, пишува Кжиштоф Становски, новинар на „Канал Спортовија“.

На 24 март ќе се играат првите шест бараж-мечеви на патот кон Мундијалот во Катар, а покрај мечот меѓу Русија и Полска, треба да играат и Италија и Македонија во Палермо, потоа и Португалија – Турција во Лисабон, Шкотска со Украина во Глазгов, Шведска и Чешка во Солна и Велс против Австрија во Кардиф.

Победниците ќе играат уште еден бараж што води во Катар, а ако Македонија ја победи Италија, ќе и гостува на Португалија или на Турција на 29 март.

 

- Оглас -

Најнови вести