На понижувањата им нема крај: Навивачите сакале да го тепаат Сетјен, а ако Кутињо ја освои ЛШ со Баерн…

Ако резултат 8-2 не е доволно понижувачки за Барселона, тоа што Кутињо, нивниот фудбалер кој е позајмен на Баерн Минхен, постигна два гола против Каталонците е како фрлена сол на длабоката рана.

Но, тоа не е сè. На Каталонците допрва ќе им се удри од глава трансферот на Филипе Кутињо и залудно потрошените 142 милиони евра. Бразилецот го напушти Ливерпул со цел да ја освои Лигата на шампионите со Барселона, но се чини дека е поблиску до тоа остварување во дресот на Баерн Минхен по пласманот во полуфиналето.

Доколку Баварците се искачат до европскиот врв, Барса ќе мора да плати дополнителни пет милиони евра на Ливерпул како бонус од трансферот на Кутињо.

За срамот да биде уште поголем, на целиот кошмар се додадоа и навивачите. Шпанските медиуми тврдат дека вчера во Лисабон одредена група навивачи на каталонскиот гигант присуствувала пред стадионот „Да Луж“, а по мечот фановите се обиделе да го тепаат тренерот Кике Сетјен и неговиот стручен штаб.

За среќа, обезбедувањето брзо реагирало и спречило инцидент, додека фудбалерите биле испратени со пцовки и навреди, а само младите Ансу Фати и Рики Пуиг добиле поддршка.

- Оглас -

Најнови вести