На последниот меч во кариерата реши да го смени дресот со судијата (Видео)

Давид Абрахам го одигра последниот меч во дресот на Ајнтрахт Франкфурт, а тоа му беше и последен натпревар во професионалната кариера.

Аргентинскиот дефанзивец се израдува на победа од 3:1, а по завршување на дуелот реши да го смени дресот со судијата Мануел Графе. Арбитарот беше збунет зошто фудбалерот го бара токму неговиот дрес, но со задоволство се замени.

Абрахам наскоро ќе си замине од Германија и ќе се врати во Аргентина, за да може да поминува многу повќе време со својот син. Аргентинецот нема целосно да се повлече од фудбалот, туку ќе продолжи да игра во аматерскиот тим на Хурадан де Кабас.

„Ја напуштив родната земја уште кога бев тинејџер. Татко сум на четири и пол годишно детенце и досега ретко го гледав. Ништо не може да го замени задоволството да го гледам синот како расте во мое присуство“, рече Абрахам објаснувајќи зошто си заминува од Германија.

Абрахам во Европа играше повеќе од 10 години. Играше и за Базел и Хофенхајм, но последните шест и пол години беше член на Ајнтрахт со кој се радуваше и на трофејот во Купот на Германија.

 

- Оглас -

Најнови вести