На ред е најлудиот меч во Романија – Ќе играат и Бабунски и Ашковски, а предиграта е со афера со ковид-19 и сомнителна позајмица на пари

Вечерва од 20.30 часот ќе се игра веројатно и најлудиот меч во Романија во последните неколку години, а актери ќе бидат и двајца наши ексрепрезентативци, Стефан Ашковски и Давид Бабунски.

Нивниот клуб Ботошани ќе му биде гостин на актуелниот првак Клуж. Овој меч еднаш веќе беше одложен, а сега како предигра има две чудни афери.

Од таборот на Клуж неодамна пријавија дури 26 случаи со фудбалери и членови на клубот што имаа позитивни тестови на ковид-19.

Петмина од нив сè уште се во карантин и нема да играат против Ботошани, а од таа причина ниту тренерот на шампионот, Дан Петреску, нема да го предводи домаќинот.

Во Романија имаше сомнежи дека Клуж играл заткулисна игра со позитивните тестови, но докази нема. Втората афера е уште почудна и ја открија романските медиуми.

Судијата Мариуш Аврам, кој ќе биде делител на правдата вечерва од 20.30 часот, во 2017 година му позајмил на тогашниот колега судија Микош Наѓи 130 илјади евра. Двајцата признаа дека имало позајмица со точната сума што ја наведоа и медиумите, а интересно е што Наѓи сега е службено лице во Клуж.

Дали позајмицата е вратена, не е познато. Гостите се сомневаат дека целата ситуација е можен заговор против нив и во корист на шампионот.

Клуж сè уште има шанси да ја одбрани титулата, но императивот е најпрво да се победи Ботошани. Свои сметки имаат и Ашковски и Бабунски со соиграчите, но и за нив вечерва нема избор освен победа ако сакаат да останат во трката за настап во Лигата на Европа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести