На Турчинот Сојдаш му се погоди пеколен распоред во Македонија

Новиот тренер на прволигашот Шкупи, Хајати Сојдаш, пристигна на клупата на чаирчани во мошне незгоден период, во кој аспирантот за висок пласман игра со клубовите од врвот на табелата.
Дебито на Турчинот на клупата на Шкупи беше во Струмица, против тогашниот лидер Академија Пандев, а скопјани претрпеа пораз од 0-1.
Веднаш потоа гостин на Шкупи беше актуелниот првак Шкендија и повторно Сојдаш и неговите избраници го напуштија теренот со пораз, овојпат со 1-2.
И пеколниот распоред продолжува, па сега на ред е локалното дерби со Вардар. Сојдаш не се предава и е оптимист пред дуелот со најтрофејниот македонски клуб, задутре од 15.30 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, но ваков тежок распоред на натпревари за новак-тренер речиси и да немало во нашиот фудбал.
„Дерби натпреварите секогаш се паметат. Ќе се обидеме со сите сили да ја вратиме вербата во квалитетот, што несомнено го имаат фудбалерите на Шкупи“, вели Сојдаш.
Тој има одлично педигре и работел како како главен тренер во турските клубови ББ Анкараспор, Анкарагучу, Санлиурфаспор и Етимесгут Беледие, а бил помошник-тренер во уште неколку турски клубови, па има искуство во вакви ситуации. Сојдаш има 52 години и за првпат е на кормилото на клуб надвор од Турција, а со Шкупи потпиша едногодишен договор.

- Оглас -

Најнови вести