На Зверев не му се ризикува, се откажа од настап на Отвореното првенство на САД

Алескандер Зверев објави дека нема да игра на Отвореното првенство на САД, последниот гренслем-турнир во сезоната, а причината е што сè уште не му е заздравена повредата на глуждот од Ролан Гарос.

Финалистот од Њујорк во 2020 година и актуелен олимписки шампион се повреди на несреќен начин во полуфиналето на Ролан Гарос против Надал и оттогаш нема играно тенис.

„Кога би се играл обичен турнир со мечеви во два сета, сигурно би играл. Но, на гренслем ви треба да сте максимално подготвени, а јас не сум и затоа морам да го пропуштам ова издание на САД опен“, изјави Зверев.

И тој како второрангиран тенисер на светот и Новак Ѓоковиќ, кој исто така нема да игра се уште се на листата со потенцијални учесници на Отвореното првенство на САД.

Проблемот со Ѓоковиќ е познат, тој е невакциниран против ковид-19 и не му дозволуваат да влезе во САД, слично како и на почетокот на годината во Австралија, каде што не настапи на Отвореното првенство на Австралија.

Зверев во 2020 година играше финале на Отвореното првенство на САД и во епски меч загуби со 2:3 од Доминик Тим, иако водеше со 2:0 во сетови.

Лани ја освои титулата на Летните олимписки игри во Токио, Јапонија, и тоа му се двата најголеми успеси во кариерата.

 

- Оглас -

Најнови вести