Најчудната фудбалска приказна: Го смени идентитетот, успеа да заигра во Серија А, а кога требаше да направи милионски трансфер, реши да ја открие целата измама

Низ историјата на фудбалот имало многу чудни приказни за тоа како некои фудбалери успеале да се најдат на светската сцена, но оваа на Бразилецот Лусијано Сикуера е посебно неверојатна.

Се работи за Бразилец кој на многу необичен начин успеа да стигне да игра во Серија А. Некои го знаат како Лусијано, други како Ериберто, но тоа е еден ист играч. Бразилецот реши да добие лажен идентитент за да успее во фудбалот. Како му успеало на Лусијано да добие лажен идентитет?

Како 20-годишно момче без родители, Бразилецот се мачел да преживее низ улиците на Рио де Жанеиро. Тој играл уличен фудбал кога бил забележан од скаути, но постоело еден голем проблем. Речиси ниту еден тим во Бразил немало да сака во своите редови на проба да донесе 20-годишник кој претходно никогаш никаде не играл.

МОРАЛ ДА БИДЕ ПОМЛАД ЗА ДА ДОБИЕ ШАНСА ДА ГО ПОКАЖЕ СВОЈОТ КВАЛИТЕТ

Токму затоа, на Лусијано му бил даден нов идентитет. Бил пронајден човек кој не постоел во системот и го преземел неговиот идентитет. Наеднаш, 20-годишниот Лусијано се претворил во Ериберто да Консеисао Силва, кој бил три години помлад. Како лажен 17-годишен тинејџер, Ериберто успеал да заигра за тимот на Палмеирас, по една и пол година бил продаден во Италија, во тимот на Болоња, а на 12 септември 1998 година дебитирал во Серија А.

По две години поминати во Болоња, направи трансфер во второлигашот Киево, а откако успеа со Летечките магариња да влезе во Серија А, за Бразилецот се заинтересира Лацио. Се работеше за милионски трансфер, но потоа се случи нешто неверојатно. Бразилецот се врати во Бразил и му се губи трагата. Во тоа време фудбалерот доби син и потоа се случи признавањето на измамата. Едноставно, не сакал да го заведе својот син под лажното презиме.

„Не можев веќе да издржам. Веќе не знаев кој сум. Сакам синот да го носи моето вистинско семејно презиме“, објасни тогаш познатиот Ериберто.

СВЕСНО СЕ ОТКАЖА ОД МИЛИОНСКИ ТРАНСФЕР ВО ЛАЦИО

Поради фалсификуваниот пасош и фактот дека немал 23, туку 26 години, Лацио реши да го откаже трансферот на Бразилецот.

„Се викам Лусијано и немам 23, туку 26 години. Можев да одам во Лацио, да заработам многу пари, но решив дека веќе нема да живеам во лаги“, изјави Бразилецот, кој збуни многумина.

По таа изјава, кариерата на Ериберто заврши на 23 години, а фудбалската приказна за Лусијано започна на 26 години. Бразилецот остана верен на Киево, каде што одигра уште девет сезони, а интересно е што еден краток дел го носеше и дресот на Интер.

Фудбалската кариера на Бразилецот со двоен идентитет заврши во 2013 година, кога се повлече на вистински 37 години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести