Ревија на кошаркарски ѕвезди и легенди ќе се појават вечерва во Загреб, на меморијалниот натпревар во чест на славниот Дражен Петровиќ, а ќе настапи и најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ.
Нено ќе биде дел од тимот кој ќе го предводи тренерот Жељко Обрадовиќ, а ќе играат Ерерос, Рејес, Таварес, Муса, Лесор, Шенгелија, Ларкин, Обст, Пјер, Маринковиќ, Димитријевиќ, Марселино Уертас, Блажич и Марјановиќ.
Другиот тим ќе биде составен од хрватски кошаркари предводени од Хезоња. Ќе има и натпревар во шутирање тројки.
Во Загреб ќе бидат и Дончиќ, Драгиќ, Бојан Богдановиќ, Шариќ, Зубац, можеби и Јокиќ, кој не е потврден, но овие НБА-играчи нема да настапат. Од легендите, ќе присуствуваат Кукоч, Раѓа, Дивац, Паспаљ, Галис, Тери Портер, итн.
Настанот ќе се одржи вечерва, во загрепската Арена од 20 часот. Сите 15.000 билети се продадени и јасно е дека ќе биде ноќ за паметење. Дражен, кој годинава ќе наполнеше 60 години, загина во јуни 1993 година и важи за еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња и идол на многу генерации.