Најдобриот стрелец во најсилната Втора лига во светот доби суспензија од шест меча поради плукање

Борха Сајнц кој сезонава е најдобар стрелец во второто по ранг фудбалско натпреварување во Англија, популарната Чемпионшип, доби жестока казна. Младиот 23-годишен напаѓач на екипата на Норвич  е суспендиран на дури шест меча, откако призна дека го плукнал Крис Мефам од Сандерленд.

Поради својот непромислен потег, Сајнц е казнет и со 14.300 евра. Инцидентот се случи во 74 минута од мечот на „Стадионот на светлината“, каде Норвич загуби со 2:1 од Сандерленд. Шпанецот кој сезонава постигна дури 15 голови во дресот на Канаринците изјави дека целосно ја превзема одговорноста и дека жали за направениот инцидент.

„Плукањето кон противнички играч е сосема нетипично за мене. Мојата реакција во тој момент беше целосно неприфатлива. Сакам да се извинам на противничкиот играч Крис поради моето однесување. Истотака се извинувам и на моите соиграч и на тренерот, исто како и на нашите навивачи. Многу сум разочаран од мојата постапка. Иако сум тажен поради оваа суспензија, времето ќе го искористам да размислам добро, да добијам уште една важна лекција и потоа повторно да се фокусирам како би се вратил посилен и да можам да помогнам на екипата“, стои во изјавата на суспендираниот Сајнц, кој се очекува да се врати на теренот дури 11 февруари.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести