Најголемото англиско дерби ќе одреди дали ќе имаме добитник на iPhone XS во седмото коло

Недела, фудбал, Премиер лига, дерби – Нема подобра комбинација од тоа за спортските фанатици, а може да се надополни само со успешно прогнозирање во новото коло на Спортска прогноза. Токму најголемото англиско дерби меѓу Манчестер јунајтед и Ливепрул е најтешкиот предизвик за прогнозерите во ова седмо коло.

Во зависност од исходот на тој дуел, може да се добие првиот добитник на главната награда iPhone XS во втората сезона на Спортска прогноза. Знаејќи во каква криза се наоѓаат Црвените ѓаволи, односно извонредната форма на Црвените, навидум е лесно да се погоди победникот.

Ливерпул има „осум од осум“ во првиот дел од сезоната во Премиер лигата. Избраниците на Јирген Клоп маршираат кон толку посакуваната титула, па затоа и на „Олд Трафорд“ нивна цел ќе биде триумф за продолжување на низата. Германецот покрај добрата форма, дополнително е расположен поради фактот што во недела најверојатно ќе може да смета на Алисон Бекер, одличниот голман кој беше прогласен за најдобар во 2019 година.

Во таборот на Јунајтед, на проблемите им нема крај. Оле Гунар Солскјер освен во првото коло, во кое Ѓаволите го декласираа Челзи со 4-0, не може да го изнесе на терен најквалитетниот состав, што е една од главните причини за слабите резултати. Нова главоболка за норвешкиот стратег во пресрет на дербито е повредата на Давид де Хеа, шпанскиот чувар на мрежата речиси сигурно нема да биде во комбинација за настап, па напаѓачкото трио Салах-Фирмино-Мане ќе има полесна задача да го совлада резервистот Ромеро.

Ако се земат предвид само првенствените дуели, Јунајтед има пет победи во последните 10 меѓусебни средби против актуелниот европски првак, но последната победа ја остварија во март 2018 година. Во меѓувреме одиграа три ремија, а Ливерпул речиси пред една година славешесо 3-1 на „Енфилд“ како единствен триумф во оваа серија. Исто така треба да се знае дека Ливерпул последен пат на „Олд Трафорд“ се радуваше во март 2014 година.

Од прогнозерите зависи дали ќе се спротивстават на традицијата или пак ќе се потпрат на налетот на Црвените од Мерсисајд.

Како што е веќе познато, прогнозерот што ќе ги погоди сите 13 двојки од основната програма, ќе добие прекрасен мобилен телефон iPhone XS. За 12 погодени се добива ваучер од Sport Life во вредност од 1.000 денари, а 500 денари ваучер од Sport Life е наградата за прогнозерите што ќе имаат 11 погодени парови од основната програма.

Најдобриот прогнозер во Генералниот пласман на крајот на сезоната ќе добие смарт ТВ од 48 инчи, вицешампионот ќе биде награден со 500.000 SL маркет поени, а до петтото место наградите се движат од 400.000 SL маркет поени, потоа 300.000, односно 200.000 за прогнозерот што ќе го затвори кругот во Топ 5.

- Оглас -

Најнови вести