Најлуд план досега – романската лига ќе се доигра на 1.200 километри од Букурешт!

Романскиот фудбалски шампионат изгледа ќе биде првиот кој ќе се игра надвор од границите на државата само за да заврши сезоната и да се добие првак на теренот. Лигата и Федерацијата постигнале договор за префрлање на тимовите во турскиот туристички центар Анталија, кој се наоѓа на околу 1.200 километри од главниот град на Романија, Букурешт.

Според романските медиуми, за две до три недели екипите треба да почнат да се префрлаат во Турција со чартер-летови. Таму ќе ги минат мини-подготовките, а првенството би се играло во јуни и јули, кога во Анталија знае да има и неподносливо високи температури. Иако целата оваа операција ќе биде финансиски покриена, проблем ќе бидат парите од телевизиските права за пренесување на мечевите.

Се планира фудбалерите да бидат изолирани, по еден во соба, а направени се и математиките околу трошоците. Проценката е целата двомесечна операција (сместување, транспорт и изнајмување на стадионите) да чини околу 2 милиони евра.

Хотелите во Анталија ќе бидат активирани, но не и стадионите. Во градот има само еден голем стадион, оној на Анталијаспор, и еден помал со капацитет од 1.000 места за седење. Тоа може да доведе до намалување на приходите од ТВ-правата. Има уште еден проблем. Турската Суперлига планира сезоната да ја доврши во Анталија.

По 26 кола (осум до крајот), Клуж е на прво место во романската лига со четири бода плус во однос на ФКСБ (Стеауа) и Универзитатеа Крајова.

Во Турција има десетпати повеќе заразени отколку во Романија и шестпати повеќе починати, но Романците сметаат дека не треба да играат во својата земја.

- Оглас -

Најнови вести