Најлуда завршница на регуларниот дел од сезоната во НБА, вечерва ќе се дознае која екипа ќе игра во плејофот, а која во плеј-ин (Фото)

Вечерва со одигрување на 15-те натпревари ќе заврши регуларниот дел од сезоната во НБА-лигата која никогаш во историјата немала ваква неизвесна завршница и толку многу непознаници околу екипите кои ќе играат во плејофот и во плеј-ин турнирот.

Иако се познати сите екипи кои ќе играат во разигрувањето за титулата, не е познат распоредот од која позиција ќе стартуваат екипите.

 

Во Источната конференција е вистинско лудило, сигурно е само дека Бостон селтикс кој го има најдобриот скор во лигата (63-18) ќе биде прв и во целиот плејоф ќе ја има предноста на домашен терен.

Њујорк никс и Милвоки бакс имаат идентичен скор од 49-32, а Кливленд има победа помалку, но сите три екипи се во игра за второто место на Истокот.

Најтешка задача има Милвоки кој му гостува на Орландо меџик пак, на кого му треба победа за заверка на петтото место, додека Кливленд се очекува да слави над Шарлот.

Њујорк игра против Чикаго кој се бори за деветтото место на Истокот кое води во плеј-ин турнирот. Доколку се случи трите екипи да имаат идентичен скор, тогаш втор ќе биде Кливленд како победник на дивизијата Централ, трет ќе биде Милвоки, а четврти Њујорк. Ако победат и Милвоки и Њујорк, тогаш, бакси ќе бидат втори бидејќи имаат подобар меѓусебен скор со Њујорк никс.

Четири екипи, Орландо (46-35), Индијана (46-35), Филаделфија (46-35) и Мајами (45-36), се во борба за петтото и шестото место со што би го избегнале плеј-ин турнирот. Орландо има најтешка задача бидејќи игра против Милвоки кој се бори за второто место. Останатите екипи имаат полесна задача, Индијана игра против Атланта, Филаделфија против Бруклин, а Мајами против Торонто, и тоа се екипи на кои ништо не им значат последните мечеви.

Ако Орландо победи ќе биде петти, а доколку Филаделфија победи и притоа Индијана загуби, Меџик ќе биде шести, а сиксерси петти.

Ако Орландо загуби и Мајами победи, тогаш Жешките ќе бидат победници во дивизијата Југоисток и автоматски ќе бидат пред Орландо. Ако сите екипи победат, тогаш Мајами ќе биде осми и ќе игра во плеј-ин турнирот.

Индијана ќе биде шеста ако победи во било која комбинација, освен ако загуби Орландо. Тогаш Индијана ќе скокне не петтото место.

Ако Филаделфија победи сигурно ќе биде седма, а може да биде и петта ако загубат Орландо и Индијана. Ако загуби само Орландо, а Филаделфија со победа ќе биде шеста.

Чикаго и Атланта сигурно ќе го освојат деветтото и десеттото место и меѓу себе ќе играат во плеј-ин турнирот.

Во Западната конференција е уште понеизвесно. Дури три екипи, Оклахома сити, Минесота и Денвер имаат идентичен скор (56-25) и се борат за првото место на Западот. Ако сите три екипи победат или загубат, тогаш распоредот останува ист, Оклахома е прва, Минесота втора, а Денвер трет.

Што се однесува со меѓусебните дуели, Минесота има подобар скор и од Оклахома сити и Денвер, додека Тандерси се подобри од шампионот.

Единствена шанса Денвер одбраната на титулата да ја започне од првата позиција е Минесота и Оклахома сити вечерва да загубат. Минесота ќе биде прва само со пораз на Оклахома сити.

ЛА клиперс (51-30) сигурно ќе биде четврти бидејќи има подобар меѓусебен скор со Далас (50-31) кој пак има подобар скор од Њу Орлеанс пеликанс кој е шести (49-32).
Њу Орлеанс ако загуби од ЛА Лејкерс и притоа Феникс слави против Минесота, Сонцата ќе завршат како шести и ќе играат директно во плејофот.

И борбата за позициите во плеј-ин турнирот е исто така возбудлива. ЛА Лејкерс (46-35), Сакраменто (45-36) и Голден стејт (45-36) ќе се борат за позициите од осмото до десеттото место на Западот. Лејкерси се сигурно осми ако победат. Пораз може да ги однесе на деветтото, па и на десеттото место ако Голден стејт и Сакраменто победат вечерва.
Ако сите екипи победат, Лејкерси се осми, а Сакраменто деветти бидејќи има подобар скор против Голден стејт.

Комплетната понуда на Sport Life за НБА-натпреварите може да ја видите ТУКА.

- Оглас -

Најнови вести