Фудбалерите на Селтик славеа голема победа во 452-то дерби „Олд Фирм“, откако денеска на домашен терен го совладаа Ренџерс со 3-1.
Со овој триумф, Селтик се доближи на само еден бод до лидерот Хартс, на две кола пред крајот на шампионатот. Интересно, Хартс вчера киксна против Мадервил, а во последното коло токму тие ќе гостуваат кај Селтик, што најавува вистинско „финале“ за титулата.
Ренџерс имаа шанса да ја закомпликуваат трката за шампионската титула, но не успеаја и остануваат на третото место со 69 бодови, седум помалку од Селтик и осум зад лидерот Хартс.
Гостите подобро го отворија натпреварот и поведоа уште во деветтата минута преку Мур. Сепак, Селтик брзо возврати, а Хјун-Џун во 23-та минута израмни на 1-1, резултат со кој се отиде на пауза.
Во вториот дел блесна Маеда. Најпрво во 53-та минута по асистенција на Тирни донесе пресврт, а само четири минути подоцна постигна спектакуларен гол со „ножички“, кој веќе се издвојува како кандидат за наградата „Пушкаш“.
Селтик до крајот го контролираше натпреварот, иако имаше и тензии, прекини и типични искри за најголемото шкотско дерби. Во 80-та минута Маеда пропушти шанса за хет-трик, откако шутираше покрај стативата, иако беше и во недозволена позиција.
Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски доби шанса во 76-тата минута во тимот на Ренџерс.
До крајот, Селтик ја сочува предноста и ја направи трката за титулата максимално возбудлива. Во последното коло ќе се соочи токму со Хартс, откако претходно гостува кај Мадервил.
Шкотскиот шампион ќе биде познат следната сабота околу 15:30 часот, кога ќе започне пресметката меѓу Селтик и Хартс.

