Најмалерозниот фудбалер реши да стави крај на кариерата

Холгер Бадштубер и официјално реши дека е време да стави крај на кариерата, иако има само 33 години. Некогашниот дефанзивец на Баерн Минхен и на германската репрезентација имаше кошмарни 10 години и тоа сè поради честите повреди.

Беше репрезентативец на Германија, играше за Баерн кога на дербито против Борусија Дортмунд во декември 2012 година заработи тешка повреда кинејќи ги вкрстените лигаменти на коленото. Тогаш не ни можеше да претпостави дека во следните пет години ќе одигра само 28 меча и дека ќе заврши во четвртата лига, а повеќе од 1.000 дена ќе паузира.

По тешката повреда, Бадштубер беше опериран и прогнозата беше дека ќе може да се врати на тернот за осум месеци. Сепак, само по три месеци, лекарите потврдија дека има воспаление на коленото и дека ќе мора да се прави нова операција. Вакво воспалување на коленото се случува на секој 10-ти фудбалер кој прави ваква сериозна операција.

По 629 денови пауза, Бадштубер се врати во тимот, а Пеп Гвардиола имаше целосна поддршка за фудбалерот кој го пропушти Светското првенство во Бразил, каде што Германија стана светски првак.

Бадштубер беше стандарден во Баерн и требаше да се врати во националниот тим, но тогаш се случи нов малер. Го повреди левото бедро и мораше да оди на нова операција и нова рехабилитација. По четири месеци се врати во Баерн, а Гвардиола го дочека со извикот: Холгер, те сакам!

Едноставно, Бадштубер имаше одлична поддршка од тренерот, но повредите беа немилосрдни. Повторно го болеше бедрото, а потоа го скрши и зглобот на ногата. По доаѓањето на Карло Анчелоти во Баерн, дефанзивецот мораше да си замине, па го облече дресот на Шалке, но не остана таму долго.

Во август 2017 година замина во Штутгарт, а откако одигра 28 меча во сезона, доби тригодишен договор. Сепак, веднаш потоа повторно се повреди, па на крајот заврши дури и во резервниот тим на Штутгарт, кој играше во четвртата лига.

Последниот клуб за кој Бадштубер играше е Луцерн во Швајцарија, но откако си замина и од таму, немаше нова понуда и едноставно фудбалерот кој во изминативе 10 години претрпе голем број повреди, мораше да ја заврши кариерата.

- Оглас -

Најнови вести