Најпознатиот антиваксер од НБА одигра меч за историја (Видео)

Кајри Ирвинг има многу чудна сезона. Поради тоа што одби да се вакцинира, ѕвездата на Бруклин пропушти поголем дел од сезоната, а потоа доби дозвола за настап, но само за мечевите на гостински терен. Тоа е така, затоа што во Њујорк има други епидемиолошки правила, па Бруклин кога е домаќин, Ирвинг не смее да игра.

Ноќеска Бруклин гостуваше кај Орландо и победи со убедливи 150:108. Ирвинг имаше фантастична ноќ и на крајот заврши со 60 поени, од кои дури 41 ги постигна во првото полувреме. Кајри имаше одличен шут од поле, па погоди 20 од 31 обид од игра (64,8 отсто). За тројка погоди осум шута од 12 обиди, додека од линијата за слободни фрлања беше речиси непогрешлив и на крајот имаше 12 од 13.

За Ирвинг ова е нов личен рекорд на еден меч во кариерата, а со 60 поени стана и најдобар во клупската историја на Бруклин по бројот на постигнати поени на еден меч. Ако се знае дека Кевин Дурант на претходниот меч даде 53 поени, сега Ирвинг и Дурант станаа првиот двоец кој на два меча во низа ја надминале границата од 50 поени.

Лидерот на Истокот, Мајами хит, очекувано го победи Деторит со 105:98, но повторно се повреди нивниот најдобар играч Џими Батлер. Во втората четвртина, при еден доскок, Батлер незгодно доскокна и потоа не можеше да продолжи.

Мемфис без проблем победи на гости кај Индијана со 135:102, иако на овој дуел одмораше Џа Морант, кој се жали на болки во грбот. Најдобриот тим во НБА-лигата, Феникс санс, продолжува да победува, а овојпат се радуваше на гости кај Њу Орлеанс со 131:115.

 

 

- Оглас -

Најнови вести