Најскапиот фудбалер во историјата на Ливерпул открива: Собирав шишиња по улица за да преживеам

Дарвин Нуњес е фудбалерот кој во следната сезона треба да биде новата ѕвезда на Ливерпул. Фудбалерот кој досега настапуваше за Бенфика, направи трансфер вреден 80 милиони евра, што е најголем во историјата на англискиот гигант. Трансферот може да достигне вредност и од 100 милиони евра ако се исполнат условите за бонусите.

Младиот 22-годишен Нуњес веќе се стекна со светска слава, но тој не заборава да потсети од каде доаѓа и дека имал тешко детство.

„Честопати во кревет си легнував со празен стомак. Сепак, најчесто гладна на спиење заминуваше мојата мајка. Таа секогаш страдаше само за да можеме јас и мојот брат да бидеме најадени. Никогаш нема да заборавам од каде доаѓам. Мојот татко работеше по девет часа на градилиште за да може да донесе нешто да јадеме. Мојата мајка беше домаќинка, а јас заедно со неа собирав шишиња на улица за да ги продадеме и да земеме некоја пара“, вели Нуњес.

На Дарвин секогаш сон му било да стане фудбалер и да може да помогне на семејството. Во 2013 година контактирал со славниот уругвајски тим Пењарол, но не добил договор, па на 14 години се вратил дома.

На 16 години Нуњес доживеа тешка повреда откако ги скина лигаментите на коленото, па мораше да паузира една и пол година. Шанса конечно да дебитира за Пењарол добил во 2017 година. Во август 2019 година Нуњес првпат заминува во Европа и потпиша за Алмерија.

Само по една година помината во Алмерија, заминува во Бенфика и потпишува петгодишен договор. Минатата сезона Уругваецот постигна 34 гола во 41 натпревар, а посебно се истакна во дуелите со гигантите Барселона и Ливерпул во Лигата на шампионите.

Од момче кое имало тешко детство, со верување во остварување на својот сон, Нуњес сега е новата ѕвезда во англиската Премиер лига.

- Оглас -

Најнови вести