Најскапиот голман во историјата е и најслаб во Премиер лигата

Кога во 2018 година Челзи објави дека во своите редови го носи голманот Кепа Аризабалага, навивачите на лондонскиот тим веруваа дека ќе го имаат еден од најдобрите. Платен неверојатни 80 милиони евра, Кепа требаше да биде „новиот Петр Чех“, голман кој ќе влева сигурност во одбраната.

Сега, две години по историскиот најскап трансфер на еден голман, фановите на Челзи инсистираат да му го видат грбот на Кепа, и тоа како излегува од „Стемфорд бриџ“. Шпанскиот чувар на мрежата реди разочарувачки игри, прави киксови и прима голови кои најчесто не треба да ги примаат голмани кои вредат приближно на Аризабалага.

Серија киксови имаше Кепа, а направи и еден инцидент кога во финалето на Лига купот во февруари 2019 година одби да излезе од игра за да му го отстапи местото на Вили Кабалјеро да ги брани пеналите. Иако одбрани два пенали и ја донесе титулата во Купот на Челзи, сепак, Шпанецот само го навлече гневот кај фановите.

Следуваа низа лоши одбрани, па на крајот од ланската сезона беше седнат на клупата за резерви. Сега, во првото коло од новата сезона, Челзи победи со 3:1 на гости кај Брајтон, но остана забелешката дека Кепа повторно прими „евтин гол“. Со не многу силен шут, голманот на Челзи беше матиран од над 20 метри.

Од последните 13 удари во рамките на неговиот гол, дури девет ја треселе мрежата, што значи дека има очаен процент од 31 отсто одбранети удари во овој период.

Шутевите од далечина се болна точка за голманот на Челзи, а тоа го потврдува и статистиката. Откако пристигнал на „Стемфорд бриџ“, Кепа примил дури 19 погодоци со удари надвор од шеснаесетникот, што е најлош скор од сите голмани во Премиер лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести