Најтажната победа од 12:0 – Во последното коло мораа да дадат многу голови за да бидат шампиони, но не успеаја во подвигот (Видео)

Германското првенство треба да биде едно од првите кои ќе продолжи по принудната пауза поради пандемијата од корона-вирусот. Се очекува бундеслигашите на терен да се појават на 9 мај и да продолжат натпреварите.

Додека чекаме на актуелни возбудувања, се потсетуваме на тоа колку била интересна Бундеслигата низ историјата. Пред 40-тина години, првенството веќе завршувало на крајот од април, кога се играле и највозбудливите мечеви.

Така беше и во сезоната 1977/78, кога за титулата се бореа Келн и Борусија Менхенгладбах. Тимот од Менхенгладбах беше актуелен шампион, но Келн имаше одличен тим, па во пресрет на последното коло двата тима имаа по 46 бодови (за победа се доделуваа два бода во тоа време).

Келн беше во многу подобра позиција затоа што гол-разликата беше на негова страна. Како лидери имаа плус 40 гол-разлика, додека Борусија Менхенгладбах имаше плус 30 гол-разлика.

Во последното коло тимот од Менхенгладбах на свој терен играше против Борусија Дортмунд, додека Келн за противник го имаше испаднатиот Сент Паули. Во Менхенгладбах веруваа дека може да направат чудо и да ги достигнат тие 10 гола негатива во однос на Келн.

Мечот меѓу двете Борусии започна како што посакуваа домаќините, со погодок во првата минута и тоа на легендарниот Јуп Хејнкес. До полувремето, домаќините имаа водство од 6:0 и се надеваа на чудо. Во вториот дел Борусија М. даде уште шест гола за неверојатна победа од 12:0.

Сепак, на крајот домаќините не се радуваа затоа што Келн победи со 5:0 против Сент Паули и на крајот ја задржа предноста од три погодоци во конечната гол-разлика. И покрај победата од 12:0, навивачите и играчите на Борусија Менхенгладбах беа тажни затоа што шампионското славење беше резервирано за екипата на Келн.

- Оглас -

Најнови вести