Сосема неочекуван е потегот на Роман Абрамович, сопственикот на Челзи, да посегне по еден од поранешните менаџери на екипата Аврам Грант. Извесниот привремен ангажман на човекот кој ги предводеше Сините до финалето од ЛШ во сезоната 2007/08 ќе има задача со своето искуство да му помогне на Френк Лампард.
Тоа значи дека отказ за клупската легенда засега не е меѓу опциите, односно ќе му се даде време на Лампард да го поправи слабиот учинок во последните неколку месеци. Само една победа во последните шест кола во Премиер лигата значеше пад до деветтото место за Челзи, по што се засилија шпекулациите дека тука е крајот за Лампард.
Грант неодамна јавно му пружи поддршка на Лампард и потенцираше дека сега не е моментот за смена на неискусниот стратег.
„Она што можам да кажам е дека управата мора да има трпение со Лампард, па дури и повеќе од тоа со цел да се подобрат работите во клубот. Решенија треба да се бараат внатре, а не со панични потези. Екипата има квалитет, само треба да се покаже карактер на теренот“, посочи Грант.
Израелскиот стратег беше привремено решение во 2007 година по првиот отказ на Жозе Мурињо, кога Сините стигнаа до своето прво финале во ЛШ, кое го загубија на пенали против Манчестер јунајтед. Лампард под палката на Грант во 40 меча забележа 20 погодоци, одигрувајќи сосема солидна сезона.