Наместо радост, голема трагедија на прославата на Атлетико Мадрид

Атлетико Мадрид по седум години пост, дочека да се израдува на нова титула во шпанското првенство. Јорганџиите вчера, во последното коло со 2:1 победија на гости кај Валјадолид и на тој начин го задржаа првото место, што беше доволен знак да започне големото славје меѓу навивачите во Мадрид.

Илјадници фанови се собраа во центарот на градот, но прославата се претвори во трагедија, кога 14-годишно момче почина во бизарна несреќа. Момчето се возело во комбе и со главата било излезено надвор за да го вее знамето на Атлетико, кога со главата удрил во бетонски ѕид.

Комбето го возел пријател на неговите родители, а таму бил и неговиот брат. Од силината на ударот во ѕидот, момчето починало, иако веднаш пристигнала медицинска помош и повеќе од еден час се обидувале да го реанимираат. Сите присутни останале шокирани од трагедијата.

„Колективот на Атлетико Мадрид се чувствува скршен од болка по веста за смртта на младиот навивач. Ја испраќаме целата наша љубов до неговото семејство. Почивај во мир“, стои во соопштението од Атлетико по повод овој трагичен несреќен случај.

За Атлетико Мадрид ова беше вкупно 11 титула првак на Шпанија во клупската историја, а може да се каже дека сосема заслужено ја освои затоа што во поголем дел од првенството се наоѓаше на лидерското место на табелата.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести