Наполи му даде 10 гола на Ајакс во два меча и остана перфектен за осминафинале, Бриж е меѓу 16-те најдобри, и тоа без да прими гол во првите четири кола

Екипата на Наполи ја оствари и четвртата победа во четвртиот натпревар во групната фаза во Лигата на шампионите и уште сега обезбеди пласман во осминафиналето во елитното натпреварување.

Италијанскиот тим за една седмица по вторпат го совлада Ајакс, овојпат со 4:2, а во двата дуели со Холанѓаните има неверојатна гол-разлика 10:3.

Наполи победата ја најави уште во четвртата минута, кога Ирвинг Лозано на најдобар начин ја искористи одличната асистенција на Пјотр Зјелински.
Џакомо Распадори во 16-тата минута зголеми на 2:0 и со овој резултат се замина на одмор.

На стартот од вториот дел, Ајакс преку Дејви Класен намали на 2:1 во 49-тата минута, а предноста од два гола на Наполи ја врати Кварацкелија во 62-рата минута, откако го реализира ударот од белата точка.

Холанѓаните во финишот намалија на 3:2 преку Стивен Бергвајн, но тоа беше сè што сторија до крајот, додека победата ја завери Виктор Осимен во 90-тата минута. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во игра влезе во 77-мата минута на местото на Квича Кварацкелија.

Белгискиот шампион Бриж обезбеди пласман во осминафиналето во елитното натпреварување откако и во Мадрид успеа да ја зачува мрежата недопрена. Бриж за првпат обезбедува пласман во нокаут-фазата во ЛШ, а по четири кола во група со Атлетико, Порто и Баер Леверкузен има импресивна гол-разлика од 7:0.
На „Ванда Метрополитано“ одигра 0:0 и е лидер на табелата во групата Б со 10 бода, шест повеќе од Атлетико и седум од Порто и Баер, кои вечерва ќе играат меѓусебе.

- Оглас -

Најнови вести