Наследникот на Рафаел Надал стигна до најголемиот успех во кариерата

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз се пласираше во финалето на АТП турнирот во Мајами, откако по голема борба, во полуфиналето го победи Хуберт Хуркач од Полска. Повеќе од два часа траеја двата сета што шпанскиот тинејџер ги доби со идентични 7:6, 7:6, потврдувајќи дека е новата голема светска тениска надеж.

За Алкараз ова е најголем успех во неговата кариера која допрва почнува и најавува дека за скоро време може да го видиме и на врвот на АТП листата. Овој 18-годишен тенисер се најавува како новиот Рафаел Надал, а според играта и тенискиот развој, потсетува на тоа што го правеше токму Надал кога беше на иста возраст како Карлос.

На дуелот против Хуркач, ниту еден од тенисерите не успеа да направи ниту еден брејк, па двата сета мораа да се решаваат во тај-брејк. Во првиот сет, Полјакот водеше со 5:3, но Алкараз покажа смиреност и со четири поени во низа стигна до 7:5 и поведе со 1:0 во сетови.

Вториот сет беше копија на првиот. И тој траеше повеќе од еден час, а на крајот решаваше тај-брејкот. Овојпат Шпанецот беше многу посигурен и поведе со 4:1, а на крај го доби тај-брејкот со 7:2 и тоа беше доволно за влез во финалето на турнирот каде ќе игра против Каспер Руд.

- Оглас -

Најнови вести