Навивачите на Динамо се молат: Само да игра Адеми

Симпатизерите на Динамо Загреб се молат Аријан Адеми да биде подготвен за настап против Шахтар задутре, во најважниот меч за хрватскиот првак во 2019 година.

Македонскиот репрезентативец има повреда на стапалото, доби одмор и не играше против Интер Запрешиќ викендов, а има шанси да игра против украинскиот состав.

„Само да игра Адеми, нема од што да стравуваме. Тој е нашиот столб, бескомпромисен борец на теренот“, е еден од коментарите на социјалните мрежи.

Адеми играше на првиот меч во Харков, кога Динамо изненади со одлична игра и беше на прагот на победа. Популарните „модри“ имаа предност од 2:1, а Адеми излезе од игра и Шахтар постигна гол за реми, 2:2.

„Се виде и на првиот меч колку ни значи Аријан. Капитенот ни дава цврстина во средниот ред и со него на теренот функциониравме беспрекорно. Излезе од игра и тоа не чинеше примен гол. Ако игра во реваншот, шансите на Динамо за победа се големи“, коментираат симпатизерите на хрватскиот првак.

Со триумф во четвртото коло против Шахтар, Динамо ќе има големи шанси да презими во Европа и да се пласира во нокаут-фазата во Лигата на шампионите.

Со победа Адеми и соиграчите на две кола до крајот на групната фаза би имале 7 бода, три повеќе од Шахтар и подобар меѓусебен скор во битката за втората позиција, зад лидерот Манчестер сити.

Ако им се погоди и англискиот тим да слави во Италија против Аталанта, тогаш трката за второто место, кое води понатаму, ќе биде само меѓу Динамо и Шахтар, што би било одлично за хрватскиот првак.

- Оглас -

Најнови вести