НБА и во следната сезона може да биде во својот „Свет на Волт Дизни“

Помалку од 48 часа остануваат до продолжувањето на кошаркарските возбудувања во најсилната кошаркарска лига во светот, НБА. Поради пандемијата со корона-вирусот, веќе четири месеци трае прекинот на сезоната, која ќе продолжи на специфичен начин.

Како превентива од можните инфекции од опасниот вирус, челниците на НБА решија првенството да продолжи на едно место. „Волт Дизни центарот“ во Орландо ќе биде местото на кое ќе бидат собрани сите клубови кои ќе ја продолжат сезоната.

Извршната директорка на Здружението на играчите од американската кошаркарска лига (НБПА), Мишел Робертс, најави дека доколку не се подобри ситуацијата со корона-вирусот, можно е да се случи и следната сезона во НБА да се игра во „балон“, односно да биде во затворен систем, каде што ќе бидат собрани сите клубови.

„Јас не се согласувам со изјавата на претседателот Трамп дека оваа ситуација ќе се смири за две недели, но се молам ситуацијата да се промени, за да може натпреварите да се играат на друг начин од сегашниот избор што го имаме. Според сознанијата што ги имаме, ми се чини дека и целата следна сезона ќе може да се игра само во „балон“. Сепак, се надевам дека тоа нема да се случи, па играчите повторно ќе може нормално да живеат со своите семејства“, вели Робертс.

Засега нема ниту еден пријавен позитивен случај меѓу кошаркарите кои се наоѓаат во Дизни центарот. Продолжувањето на сезоната треба да се случи ноќта меѓу четврток и петок. Првиот меч кој ќе се игра е тој меѓу Јута и Њу Орлеанс, а потоа следува дербито меѓу Лос Анџелес лејкерс – Лос Анџелес клиперс.

 

- Оглас -

Најнови вести