НБА најавува спектакл: Целиот плејоф ќе се игра во Лас Вегас?

Љубителите на НБА-кошарката можеби летово ќе бидат сведоци на нешто што не е видено во историјата, а тоа е цел плејоф кој би се играл само во една сала.

Челниците на најсилната кошаркарска лига на светот размислуваат како да ја завршат сезоната и некои од нив ја заговараат идејата за скратена регуларна сезона и плејоф кој би се играл на едно место. Намерата е секој клуб да одигра по 70 наместо по 82 меча во регуларната сезона. Тоа значи дека клубовите би играле уште три до седум меча од регуларната сезона и потоа стартува плејофот со 16 тима.

Би се играло во три добиени, а не во четири. Идејата само за еден елиминациски меч засега е отфрлена и таа е кажана како крајна мерка. Во НБА се решени по секоја цена сезоната да се доигра и да се добие првак, а идната сезона би почнала во втората половина на декември.

Како најлогична локација за град во кој би се играл плејофот е Лас Вегас. Во тој град се игра летната лига, има убава сала и услови за вистински НБА-мечеви, и тоа по неколку на ден. Градот на коцката и гревот има и огромни хотелски капацитети каде што би се сместиле сите играчи и вработени од клубовите.

Се спомнале и други места, како: Бахамите, Орландо, Атлантик сити, Хаваите и Луизвил, дури и играње на огромен брод, популарно наречен крузер. Идејата е НБА да биде изолирана и мечевите да се играат без публика.

- Оглас -

Најнови вести