Не е баш како што кажуваат, Мерцедес повторно е побрз од Ферари

Според резултатите од слободните тренинзи на патеката во Мелбурн, и во новата сезона во Формула 1 главен фаворит за титулата ќе бидат Мерцедес и Луис Хамилтон. Пред тренинзите, Хамилтон тврдеше дека Ферари има подобар и побрз болид од нив, но според времињата постигнати на неофицијалните тренинзи, италијанскиот тим е далеку од доминантен.

На првиот слободен тренинг, најдобар беше Хамилтон, пред Себастијан Фетел, Шарл Леклерк, Макс Ферстапен и Валтери Ботас. Сите петмина беа сместени во помалку од три десетинки. Но, на вториот слободен тренинг, Хамилтон и Ботас од Мерцедес беа убедливо најбрзи. Зад нив се најдоа двата пилоти на Ред Бул, со времиња кои беа за 8 десетинки послаби од Мерцедесите, а веднаш зад нив беше и Фетел со црвениот болид.

Дали од Ферари тактизираа и ги криеја адутите или повторно се побавни од Мерцедес, ќе се знае утре во 8 часот наутро по македонско време, кога ќе биде официјалниот тренинг и борбата за пол-позиција за неделната трка на „Алберт парк“. Хамилтон ќе се обиде шеста година по ред да биде на пол-позицијата на трката за Големата награда на Австралија.

- Оглас -

Најнови вести