Не е до тренерите, Барселона е сосем зависна од Педри, бројките го кажуваат тоа

Најдобриот млад фудбалер на светот за минатата година иако има само 19 години, веќе е играч од чие присуство на теренот зависат резултатите на Барселона.

Барса беше во одлична серија, во шпанската лига во десет кола освои 28 бода, дојде до второ место, но одеднаш потона, а испадна и од Лигата на Европа. Каталонците првпат во својата богата историја имаат три порази по ред на свој терен во една иста сезона, а причина за овој пад е повредата на Педри.

Педри се повреди против Ајнтрахт и излезе на полувреме. Оттогаш нема играно, а резултатите на Барселона се очајни во отсуство на „новиот Иниеста“.

Со Педри на теренот, Барселона освојува во просек дури 2,67 бода (10 победи и две нерешени на 12 меча), а без него само 1,48 бод по меч (31 бод на 21 меч).

Ако Педри играше на сите мечеви и тимот освојуваше бодови како просекот со него на теренот, Барселона би имала 10 бода повеќе од Реал, кој ќе ја освои титулата веројатно веќе в сабота, на четири кола до крај. Но, ако Педри не играше на ниту еден меч, Барселона не би бил втора како сега, туку дури седма во Шпанија и којзнае дали ќе избореше пласман во европските купови.

 

- Оглас -

Најнови вести