Не е само Иско, уште пет ѕвезди се „непотребни“ во своите тимови

Низ Топ 5 лигите во Европа има шест фудбалери кои се со одличен квалитет, но не играат, и тоа најчесто поради конфликти со тренерите или управите.

На навивачите тешко е да им се објасни како тоа може за Озил да нема место во Арсенал, за Дибала во Јувентус, за Иско во Реал, за Рабио со ПСЖ, за Хамес Родригес во Баерн или за Марез во Манчестер сити, но тренерите одлучија да не сметаат на нив како стандарни првотимци, туку понекогаш овие ѕвезди ги исфрлаат и од клупата за резерви.

Специфичен е случајот со младиот Французин Адриен Рабио, бидејќи одлуката тој да не игра не е на тренерот Томас Тухел, туку на раководството на клубот, како казна што Рабио не сакаше да го продолжи договорот. Рабио тренира редовно, но речиси и воопшто не игра. Последен настап имаше на 11 декември, кога доби 7 минути на дуелот со Црвена ѕвезда. Рабио на 1 јули станува слободен играч и ќе го напушти парискиот клуб.

Хамес Родригес со една нога е надвор од Баерн. Колумбиецот игра во последно време и дава придонес, но честопати е ставан во втор план и незаслужено грее клупа.

Пауло Дибала од главна ѕвезда на Јуве во минатата сезона, по доаѓањето на Кристијано Роналдо и кревањето на формата на Марио Манџукиќ, се претвори во резервист. На мечот со Парма, предвреме замина во соблекувална, изразувајќи јавен протест.

Ријад Марез е најскапиот играч во историјата на Манчестер сити, и сезонава е редовен само на куп мечевите, додека во Премиерлигата, на последните седум меча Алжирецот доби само 24 минути, од кои 22 беа во веќе одлучен меч, демолирањето на Челзи од 6:0.

Месут Озил е играчот со најголема плата во Арсенал, но не е омилен кај тренерот Унаи Емери и играше само половина од мечевите во англиската Премиерлига. Официјално, Озил не се вклопува во тактичките замисли на Емери, но многумина мислат дека Германецот е казнет поради неговото однесување надвор од фудбалските терени и снимките како се забавува по дискотеки и клубови.

- Оглас -

Најнови вести