Не игра утре во Копа дел Реј – Барди ќе почека уште некој ден за камбек

Енис Барди ќе мора да почека најмалку до 10 јануари за камбек на фудбалските терени по повредата на грбот што не му дозволи да игра фудбал од ноември лани.

Беше најавена можност македонскиот репрезентативец да биде на списокот со патници кај Леванте за утрешниот меч во Копа дел Реј против Португалете, но одлучено е Барди да почека уште некој ден за камбек.

Утре точно напладне прволигашот гостува кај третолигашот Португалете во првата фаза од шпанскиот куп, а Барди не се најде на списокот од 22-ца фудбалери кои конкурираат за настап.

Барди се повреди во ноември, непосредно пред дуелот меѓу Грузија и Македонија во финалето на Сегментот Д во Лигата на нациите и не играше на историскиот меч во Тбилиси на 12 ноември, што ни донесе прв пласман на големо натпреварување, на Европското првенство што ќе се игра годинава од 11 јуни до 11 јули.

Потоа го мина долгиот процес на рехабилитација и очекува прв настап за Леванте по речиси двомесечна пауза. Следна можност нашиот репрезентативец да се врати на терен е мечот од Ла Лига меѓу Леванте и Еибар на 10 јануари од 14 часот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести